Македонија

Тренчевска: Северна Македонија е препознаена како лидер во регионот во воспоставување и имплементирање на социјални услуги за лица со попреченост

Тренчевска: Северна Македонија е препознаена како лидер во регионот во воспоставување и имплементирање на социјални услуги за лица со попреченост

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска во Владата на Република Северна Македонија оствари средба со претставниците на Националниот сојуз на слепи лица, со цел да ги слушне нивните барања и воедно да се најде најсоодветното решение.

На средбата се разговараше за правата и услугите кои произлегуваат од системот на социјална заштита и кои се во насока на унапредување на квалитетот на живот на лицата со попреченост, вклучително и слепите лица како дел од ранливата категорија на граѓани во нашата држава.

Претставниците на Националниот сојуз на слепи во своите барања истакнаа раст на додатокот за попреченост и тој да биде 40% од просечната плата во државата, 30% од просечната плата за правото за туѓа нега, и помагала за слепите како системско решение.

Министерката Тренчевска се осврна на политиките и мерките кои оваа Влада ги креираше и имплементираше изминативе години. Како што се, растот на гарантираната минимална помош, намалување на возраста за лична асистенција од 18 на 6 години, измени во Законот за детска заштита со кои висината на посебниот додаток треба да се покачи за 15% и измени во Законот за социјална заштита каде се намалува возрасната граница на родителите кои се грижеле за своето дете со попреченост во својот дом до неговата 26 годишна возраст, како и правото за лична асистенција на лицата со комбинирана попреченост, измени кои се во собраниска процедура.

„Република Северна Македонија е лидер во регионот но и пошироко во воспоставување и имплементација на социјалните услуги на локално ниво, во заедницата, односно домот на граѓаните на кои поддршката им е неопходна за нивно функционирање. А со тоа и нивно поголемо вклучување во сите сфери на општественото живеење“, рече Тренчевска.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни