Неравномерниот регионален развој е еден од најсериозните структурни проблеми на Македонија, а концентрацијата на економската активност во Скопје дополнително го поттикнува преселувањето на населението и празнењето на другите градови.
Ова го оцени универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, истакнувајќи дека економскиот развој мора да биде придружен со подобрување на животните услови во сите делови од државата.
„Некаде околу 45 проценти од бруто-домашниот производ се создава во Скопје. Значи, Скопје е мегаполис во нашата земја и рамномерниот регионален развој е пресуден“, истакна Треновски, повикувајќи се на претходно објавени податоци.
Според него, постојат значителни разлики меѓу регионите во однос на вработеноста, инфраструктурата, здравствените услуги и економските можности.
Професорот нагласи дека целта не е сите региони да бидат идентични, туку граѓаните да имаат можност за нормален живот во местата каде што живеат.
„Треба да ги направите регионите економски развиени за населението што живее во нив да сака да остане таму, да најде економска логика и да може нормално да живее“, порача Треновски.
Тој се осврна и на потребата од поголема финансиска самостојност на општините.
„Ако им дадете автономија или надлежности без да им дадете ресурси, тоа е веќе загубена битка“, нагласи професорот.
Треновски посочи и резултати од истражување според кое капиталните инвестиции реализирани преку локалното ниво можат да бидат околу 40 проценти поефикасни од оние што се реализираат преку централната власт.
Сепак, предупреди дека општините честопати немаат доволно финансиски средства и стручен кадар за успешно извршување на своите надлежности.
„Им давате надлежности, ресурси за тие надлежности да ги вршат, им давате автономија да можат да одлучуваат и им барате отчетност“, објасни Треновски.
Според него, поголемата децентрализација, подобрата распределба на јавните средства и инвестициите во локалната инфраструктура се неопходни за намалување на регионалните разлики и задржување на населението надвор од Скопје.