Македонија

Трет смртен случај од западнонилска треска, шестмина се во критична состојба

Трет смртен случај од западнонилска треска, шестмина се во критична состојба

Уште еден пациент заразен со вирусот на Западен Нил починал во текот на викендот, со што бројот на смртни случаи од западнонилска треска во земјава се искачи на три, информираа здравствените власти.

Станува збор за 61-годишен пациент со сериозни придружни заболувања, кој бил од едно од подрачјата каде што досега се регистрирани случаи на инфекцијата.

Досега лабораториски се потврдени 35 случаи на западнонилска треска, додека уште тројца пациенти кај кои постои сомневање за инфекција се во процес на дијагностицирање.

На Клиниката за инфективни болести во моментов се хоспитализирани 16 пациенти, од кои шестмина се во критична состојба и се лекуваат на Одделот за интензивна нега.

Директорот на Клиниката, Фадил Цана, информира дека сите шест пациенти во критична состојба се постари од 60 години, но посочи дека меѓу хоспитализираните има и значително помлади лица.

„Овие шестмина кои се во критична состојба и се лекуваат во Одделот за интензивна нега се на возраст над 60 години, но кај инфицирани пациенти со невроинвазивна форма, најмладиот пациент кој е хоспитализиран е 25-годишен. Тој е во стабилна здравствена состојба и е на Одделот за невроинфекции“, соопшти Цана.

Според него, за разлика од лицата кај кои инфекцијата минува без симптоми, пациентите што ја развиваат невроинвазивната форма на болеста може да имаат висока температура, силна главоболка, закочен врат, дезориентираност и конфузност. Оваа форма, според здравствените власти, се развива кај околу еден процент од заразените.

Министерот за здравство Сашо Клековски информира дека за актуелната состојба се известени сите инфективни одделенија, матичните лекари и останатите здравствени работници кои би можеле да дојдат во контакт со заразени пациенти.

Тој нагласи дека при мапирањето на случаите мора да се прави разлика меѓу местото на живеење на пациентот и местото каде што најверојатно дошло до инфекцијата.

„Инкубацијата на вирусот е од три до 14 дена и се лоцира дали патувале во странство, дали патувале надвор од местото на живеење внатре во земјата и каде се движеле. Има луѓе со урбани адреси, но имале и викендичка и најверојатно во тој период престојувале на овие места, така што во основа сите мерки се насочуваат таму каде што е најверојатното место на заразување. Една од мерките е лична заштита од убоди од комарци и отстранување на застоена вода“, рече Клековски.

Фокус на таргетирано прскање од земја

Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил вонредна контрола на спроведувањето на елаборатите за прскање против комарци во сите општини од скопскиот регион, а резултатите од проверките наскоро треба да бидат објавени.

Според Клековски, во следниот период акцентот ќе биде ставен на таргетирано прскање од земја.

„Сметаме дека поефективно е таргетираното прскање отколку аеропрскањето. Аеропрскањата ќе се прават согласно плановите“, рече министерот.

Паралелно се работи и на геолокација на пациентите и на идентификување на површини со стоечка вода. Клековски посочи дека Град Скопје, со помош на „Гугл мапс“, лоцирал повеќе водени површини во засегнатите места, меѓу кои и такви што се користат за рекреација.

„Тука ќе треба и зголемена дисциплина од сите нас за да се намалат колку што е можно водените површини. Знам дека е тешко во услови на високи температури да очекуваме луѓето да ги празнат базените, меѓутоа мора да апелираме на максимална претпазливост. Според епидемиолошките очекувања, август и септември историски се врв на ваквите епидемии“, рече Клековски.

Тој најави дека засегнатите општини ќе добијат дополнителни насоки, а Центарот за јавно здравје веќе се подготвува за засилено прскање од земја.

Освен комарците, во циклусот на вирусот важна улога имаат и дивите птици. Клековски ги повика граѓаните доколку забележат мртва птица да го пријават случајот во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Досега АХВ добила една пријава за мртва птица во Гостивар, но кај неа не бил потврден вирусот на Западен Нил.

Најавени се и контроли на живината во загрозените подрачја, со посебен фокус на живината што слободно се движи во близина на канали за наводнување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни