„Лопови“, „Нема правда, нема мир“, „Слобода“…овие добро познати слогани секојдневно се слушаа на улиците низ центарот на градот. „Шарената револуција“ несомнено беше настан кој ја одбележа 2016 година во Македонија. Стотици граѓани се собираа секој ден во 18 пред зградата на СЈО. Бараа Уставниот суд да се произнесе за уставноста на СЈО. Една од нив беше и Ирена Стериовска. Три години по протестите таа вели дека Катица Јанева ја изгасна шансата да остане симбол на правда. На прашање дали ќе ја искине маицата на СЈО таа вели дека би служела за чистење на прашина.
„Јас не сум поседувала таква маица . Баш вчера со пријателите се шегувавме . Можеби подобро излезе што немам таква маица. Таа во моментот би ми служела само за бришење прашина а глупаво е да бришеш прашина со идеалите“-вели Стериовска.
Билјана Бејкова вели дека случајот со обвинителката Катица Јанева е разочарувачки.
-Ова со СЈО не разочара конкретно ова со Катица Јанева. И за тоа сакам да кажам дека едно е разочарувањето од друга страна ние граѓаните остануваме доследни на нашите барања. Сметам дека СЈО како институција како Специјално обвинителство мора да опстои, дека мора да поминат нови филтри. Луѓето кои ќе се вработат и човекот кои што ќе дојде на чело на оваа институција мора да се најде соодветно решение за СЈО. И СЈО да го заврши тоа што го започна и да видиме малку правда во оваа држава-рече Бејкова.
Активистите на Шарена Револуција се уште не планираат да протестираат за последните случувања. Инаку еден дел од демонстраните се вработија во различни институции и Влада. Шарената револуција ќе се памети по тоа дека ги шараше улиците и институциите едни од нив беа и Собранието и Владата. На демонстрантите се уште им пристигнуваат казни за кршење на јавниот ред и мир.
РЕПОРТЕР: АРБАНА Ќ. КЛИМЕНТА