Свет

Тридневна жалост по нападот на болницата во Газа

Тридневна жалост по нападот на болницата во Газа

Палестинскиот претседател Махмуд Абас прогласи тридневна жалост по наводната смрт на стотици Палестинци во израелски воздушен напад врз болница во Појасот Газа денеска.

Шефот на цивилната одбрана во палестинската енклава контролирана од исламистичкото движење „Хамас“ малку порано објави дека во нападот загинале повеќе од 300 луѓе – бројки кои не се независно потврдени. Доколку се потврди, тоа ќе биде најсмртоносниот израелски напад во Појасот Газа од 7 октомври, кога Хамас изврши ненадеен напад во Израел во кој загинаа повеќе од 1.300 луѓе.

„Она што се случува е геноцид. Ја повикуваме меѓународната заедница веднаш да интервенира за да се запре овој масакр. Молкот повеќе не е прифатлив“, одговори Палестинската ослободителна организација (ПЛО) во соопштението.

Абас, кој ја предводи ПЛО, практично има само делумна контрола врз окупираниот Западен Брег. Хамас владее со Појасот Газа од 2007 година.

Сепак, стотици луѓе излегоа на улиците на градот Рамала на Западниот Брег, каде што е сместен Абас, за да побараат оставка од палестинскиот претседател, пренесе АФП, повикувајќи се на дописник од теренот.

Израелскиот воздушен напад врз болница во Газа беше остро осуден од голем број арапски земји, вклучувајќи ги Египет, Јордан и Катар.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го нарече инцидентот „последниот пример на израелски напади без најосновните човечки вредности“. Го повикувам целото човештво да преземе акција за да се запре оваа невидена бруталност во Газа“, напиша Ердоган на социјалната мрежа „Икс“.

Канадскиот премиер Џастин Трудо го опиша нападот како „ужасен и апсолутно неприфатлив“.