Поранешниот градоначалник на Скопје и познат бизнисмен, Трифун Костовски, преку колумна за порталот „Либертас“ јавно ги соопшти своите планови за формирање нов политички субјект, со цел да се извлече Македонија од долгогодишниот политички и економски ќор-сокак.
Костовски упати отворен повик до граѓаните, нагласувајќи дека државата се наоѓа во клучна пресвртница од која зависи нејзиниот опстанок.
„Македонија е буквално распната на крстопат. Едниот пат води кон апатија, иселување и исчезнување. Другиот води кон правда, работа и нова надеж. Изборот е наш. Јас го избирам патот на борбата, вистината и надежта. Патриотизмот треба да ни биде обврска, а не парола. Ако не сега, кога? Ако не ние, кој?“, прашува тој.
„Чувствувам лична вина што не влијаев во дамнешните времиња“
Во својот осврт, Костовски прави самокритичен осврт кон минатото, признавајќи дека и самиот сноси дел од одговорноста за актуелната состојба во општеството бидејќи можел повеќе да влијае за промена на нештата. Тој остро го критикуваше досегашниот политички естаблишмент кој ја водел земјата во изминатите три и пол децении.
„Во изминатите 35 години на врвни позиции изнедривме луѓе кои повеќе работеа за сопствените и партиските интереси, а не за интересите на целата заедница. Затоа денес владеат криминалот, корупцијата и апатијата меѓу граѓаните, и затоа постои страв дека нашата Македонија се движи кон исчезнување“, дециден е поранешниот скопски градоначалник.
Каква партија планира Костовски?
Новиот политички субјект што го планира Костовски, според неговите најави, ќе има поинаков концепт од актуелните партии на сцената. Неговата визија вклучува:
- Наднационален и надверски карактер – партија без национални и верски обележја.
- Инклузивност – отворена врата за искусни, но и за сосема нови луѓе кои сакаат да ја градат иднината на земјата.
- Државните пред партиските интереси – фокус на опстанокот и развојот на татковината.
Костовски потенцираше дека неговиот мотив не е личната моќ или трката по функции, туку општествениот рестарт.
„Не барам власт за себе, туку можност за освестување на државно ниво – Македонија да биде пред секоја партија! Ова никако не е повик за поделба, туку повик за обединување на сите што ја сакаат Македонија без услови и лична корист“, порачува Трифун Костовски во својата објава.