Македонија

Трифун Костовски, неговиот син и две други лица осомничени за згаснувањето на Еуростандард банка

Јавното обвинителство отвори истрага против четири лица за пропаѓањето односно прогласување на стечај на Еуростандар банка.

Осомничените се товарат дека сториле две кривични дела, предизвикување стечај на банка од Законот за банки и продолжено кривично дело – Перење пари.

„Осомничените како лица со посебни права и одговорности во Еуростандард банка АД Скопје, во периодот од 2018 година до 2019 година, ги повредиле одредбите од Законот за банки, како и Методологијата за адекватност на капиталот. Како резултат на несоодветното работење на осомничените, органите на банката целосно затаиле во извршување на основните функции и со своите одлуки не постапиле по изречените мерки на Гувернерот на НБРСМ, при што придонеле за дополнително влошување на профилот на ризик на банката. Воедно го зголемиле ризикот од концентрација и масовно ја затскриле реалната способност на клиентите за измирување на обврските и нереалната класификација, што резултирало со погрешно известување за финансиската состојба на банката и нејзините сопствени средства како кон НБРСМ, така и кон останатите заинтересирани страни. Со ваквото работење придонеле за генерирање на големи материјални кредитни загуби, со што го намалиле износот на сопствените средства на банката и наметнале потреба од значителна докапитализација на банката, а притоа не извршувале капитализација по мерка изречена од Гувернерот на НБРСМ. Сето ова придонело банката по сила на закон да биде во услови на стечај, што подразбира дека депозитите не може да бидат вратени во пари на доверителите, штедачите и депонентите на банката, со што банката била доведена во состојба на несолвентност. Така, од нефункционални изложености со состојба во време на отворање на стечајната постапка од нефункционални кредити за 149 правни лица била предизвикана штета од 3.378.030.720,00 денари, при што повластените кредитни должници со невраќање и неможност за присилно враќање на долг од кредитот се стекнале со корист, а штедачите и другите депоненти на банката биле оштетени“, велат од ЈО.

Бизнисменот Трифун Костовски, како главен акционер во „Еуростандард банка“ вели дека лицата против кои Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвора истрага не се запознаени со тоа и смета дека треба да се идентификуваат со име и презиме.

„После 6 месечен молк од страна на Јавното Обвинителство излегува во јавноста со наредба за истрага во самата Еуростандард Банка. Моите сознанија говорат дека ова е изнуден чин на Јавното Обвинителство да се појави во јавноста после толку многубројни мои апели. Повторувам, во целата истрага мора да се вклучат и лица надвор од банката“,вели Костовски најавувајќи дека преку колумна ќе ја запознае јавноста подлабоко со сите игри околу стечајот на банката.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни