Кафеава мечка тешка околу 70 килограми била изложена на опасност откако се заглавила во нелегално поставена сајла во месноста Чеплес, во Велешко. Благодарение на координираната интервенција на надлежните институции и ветеринар од Зоолошката градина во Скопје, животното било ослободено и вратено во природата.
Случајот бил пријавен од Ловечкото друштво „Руен“ од Велес, по што информацијата преку Македонското еколошко друштво била проследена до Државниот инспекторат за животна средина. Мечката била пронајдена во близина на Рибник Нежилово, на околу 1,5 километар оддалеченост.
По пријавата, на терен излегле двајца државни инспектори во координација со СВР Велес и Ловечкото друштво „Руен“. Мечката била успиена и прегледана од ветеринар, по што примката била отстранета, а животното било пуштено во шумата.
Според информациите од Државниот инспекторат за животна средина, се работи за машка мечка стара околу три години, кај која не биле забележани видливи повреди од сајлата.
За настанот бил известен и јавен обвинител од Велес. Полицијата ја презела нелегално поставената примка за вештачење, со цел да се утврдат околностите и да се преземат понатамошни мерки согласно законските прописи.