„Првиот човек на државата треба да биде лице кое ќе обединува, а не кое разединува. Претседателот на државата треба да биде лице кое ќе ги признава и почитува сите луѓе во земјата“, рече Али Ахмети во 2014 година.
Уште пред пет години, ДУИ и Али Ахмети побараа консензуален Претседател на државата.
А, и за следните претседателски избори кои ќе се одржат во април следната години, оваа опција останува единствено прифатливо решение за ДУИ.
„Не дискутиравме за конкретни имиња и сѐ уште сме далеку од договор за име за консензуален Претседател и кандидат. Но, кој и да биде – маж или жена, секако дека ќе биде лице кое ќе биде одобрено, особено од двете најголеми заедници во нашето општество“, вели Артан Груби – пратеник на ДУИ.
Иако во јавноста се спомнуваат неколку имиња, сепак професорот Денко Малески според нашите извори е кандидатот кој е прифатлив за двете страни. Малески е универзитетски професор, прв министер за надворешни работи на независна Македонија, а од 1993 до 1997 година беше постојан претставник на нашата земја во Обединетите Нации.
Нашите извори велат дека помеѓу првите луѓе на ДУИ и СДСМ веќе се разговарало на оваа тема, но сепак од СДСМ велат дека темата кандидат за претседател на партиско ниво се уште не била отворена.
Професорот Малески вели дека нема ништо против тоа што се спомнува како заеднички кандидат, но вели дека досега немал официјални разговори ниту со СДСМ, ниту со ДУИ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека кон крајот на јануари ќе го откријат името на кандидатот за Претседател. Демантираат дека во моментов се разговара за имиња, иако во јавноста се појавија информации дека Трајко Славевски или професорката Гордана Силјановска се нивните опции.
Инаку, Ѓорге Иванов, на чело на државата застана како резултат на редовните претседателски избори во 2009 година. Иванов преку редовни избори го освои и вториот мандат кој му завршува во 2019 година. Вториот мандат на Иванов и неговиот избор беше оспорен од ДУИ, од каде повикаа за бојкот на гласачкиот процес.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ
