Тројца измамници по потекло од Србија кои беа уапсени во Франција за неколку дена ќе се најдат на обвинителна клупа бидејќи на париски трговец со вино со лажни банкноти платиле 18 шишиња од познатата винарија „Петрус“ и две шишиња шампањ, со вкупна вредност од 95.000 евра.
Оваа измама била извршена во февруари годинава, а измамниците биле уапсени на почетокот на септември.
Како што пренесуваат француските медиуми, измамникот кој прв стапил во контакт со трговецот се претставил како посредник кој сака да купи одредени вина за брачна двојка од Русија.
– Еден од осомничените контактирал со трговец во Париз, тврдејќи дека соработува со двојка од Русија, која сакала да помине викенд во градот на светлината. Парот сакал да купи вино „Петрус“, гроздобер 2000 година, кое се смета за едно од најдобрите и шише од ова вино се продава од 4.000 до 5.000 евра по шише – пишуваат француските медиуми.
Измамникот се претставил многу добро, бидејќи трговецот бил убеден дека има работа со вистински експерт за вино и бил импресиониран од неговото знаење и разбирање за виното.
Таканаречениот познавач сакал 12 шишиња „Петрус“ берба во 2000 година, но потоа ја зголемил нарачката на 18, заедно со уште две шишиња шампањ. Еден трговец со вино ги купил шишињата за препродажба, надевајќи се дека ќе направи добар профит.
Размената на шишиња и пари се случила во бистро во градот, каде што трговецот наводно се сретнал со рускиот пар. Набрзо сфатил дека парите се лажни, но веќе било доцна.
Како што пренесуваат француските медиуми, измамениот случајот веднаш го пријавил во полиција, а по интензивна истрага биле идентификувани и уапсени.