Животот во државата продолжува да поскапува, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика, според кои трошоците на животот во април 2026 година се зголемени за 5,7% во споредба со истиот месец лани, додека цените на мало бележат раст од 5,0%.
На месечно ниво, односно во однос на март 2026 година, инфлацијата изнесува 1,3%, што укажува на континуиран, но нешто побавен раст на цените.
Податоците покажуваат дека најголемо месечно зголемување е забележано во групата Транспорт, каде трошоците се зголемиле за 10,1%. Потоа следуваат Рекреација, спорт и култура со раст од 1,4%, како и Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици со 1,2%.
Покачување е регистрирано и кај Храна и безалкохолни пијалаци за 0,7%, додека кај Облека и обувки, Лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги, како и кај Информации и комуникации, растот изнесува 0,6%.
Понатамошно зголемување од 0,4% е забележано кај Ресторани и услуги за сместување, додека кај Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, Здравствена заштита и Услуги за образование растот изнесува 0,3%.
Единствено намалување е регистрирано кај групата Покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата, каде трошоците се намалени за 0,2% во однос на претходниот месец.
Според статистиката, податоците укажуваат на општ тренд на раст на цените, при што најголем притисок врз трошоците на домаќинствата доаѓа од транспортот и основните животни потреби.
