Македонија

Царината спречила влез на 246 илегални мигранти од јули 2024 година досега

Царината спречила влез на 246 илегални мигранти од јули 2024 година досега

Вкупно 246 илегални мигранти биле спречени да влезат во земјава од јули 2024 година до денеска, а царинските мобилни тимови и единиците К9 годинава учествувале во 41 акција на Министерството за внатрешни работи. Овие резултати, според директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, ја потврдуваат важноста на меѓуинституционалната соработка во справувањето со илегалната миграција и организираниот криминал.

Николовски ова го истакна на денешниот оперативен состанок на Заедничката група за миграција, организиран од Бирото за јавна безбедност (БЈБ), нагласувајќи дека создавањето силни безбедносни коалиции е од највисок државен интерес.

Според него, меѓу спречените мигранти најголем дел се од Египет, Судан, Пакистан, Иран, Ирак и Сирија. Тој посочи дека активностите на Царинската управа не се однесуваат само на заштитата на домашните граници, туку придонесуваат и за безбедноста на границите на земјите од Европската Унија.

„Овие факти не говорат само за улогата која ја имаме врз заштита на нашите граници туку и во заштита на границите на земјите од ЕУ, преку навремено и координирано делување“, истакна Николовски.

Тој ја нагласи важноста на навремената размена на информации и соработката меѓу институциите на национално и меѓународно ниво, за кои рече дека се значително подобрени, што го потврдуваат и постигнатите резултати.

„Размената на информации, заеднички профили на ризик и координирано постапување се алатки со кои можеме многу порано да го идентификуваме ризикот, уште пред тој да стигне до нашата граница. Ќе се согласам дека досега постигнато е многу, но можеме и мораме уште повеќе, затоа што криминалот не мирува, не чека и не познава граници“, порача директорот на Царинската управа.

Николовски најави дека институцијата ќе продолжи да ги зајакнува своите капацитети и да ја унапредува соработката со МВР и БЈБ, Јавното обвинителство, како и со царинските администрации и безбедносните институции во регионот.

На состанокот бил нотираn и напредокот на државата во справувањето со современите безбедносни предизвици, меѓу кои трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти. Овие активности се особено значајни во контекст на евроинтегративниот процес на земјава.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни