Цеков: Ветивме борба против корупцијата, но каде се резултатите? Ништо не се промени за две години!

Пратеникот Миле Цеков во емисијата Ноќно студио на 4ТВ остро ја критикуваше состојбата во државата, оценувајќи дека во изминатите две години нема суштински напредок, особено во борбата против криминалот и корупцијата.

„Апсолутно нема борба против криминалот и корупцијата. Не прифаќам селективна правда. Ветувавме решителна борба, достоинствени плати и одржливо производство на храна – каде се резултатите? Јас не гледам никакви промени“, изјави Цеков.

Се вчитува...

Тој нагласи дека граѓаните и натаму се соочуваат со сериозни проблеми, вклучително и ниски плати, слаб животен стандард, нефункционално здравство и образование, како и загадена животна средина.

„Младите се иселуваат, луѓето се разочарани. Наместо да се фокусираме на реалните проблеми – економија, плати, здравство, образование и чист воздух – ништо од тоа не е поместено од мртва точка“, рече пратеникот.

Цеков посочи дека и покрај донесени околу 400 закони во Собранието во овој период, придонесот на ЗНАМ, според него, е минимален.

„Сметам дека ЗНАМ е предлагач на само два до три закони. Се поставува прашањето – која е нашата улога во коалицијата и што придонесовме?“, истакна тој.

Тој додаде дека уште по изборите укажувал дека партијата треба да го гради својот политички идентитет од опозиција, наместо, како што рече, да биде „нем послушник“ во власта.

Во однос на долгорочните проблеми, Цеков потенцираше дека криминалот и корупцијата со децении ја оптоваруваат државата, додека иселувањето на младите е последица на недостигот од перспективи.