Свет

Цела Германија во застој, неверојатни сцени во најголемите градови: Илјадници земјоделци ја блокираа земјата, трактори пристигнаа во центарот на Берлин

Цела Германија во застој, неверојатни сцени во најголемите градови: Илјадници земјоделци ја блокираа земјата, трактори пристигнаа во центарот на Берлин

Во Германија во понеделник наутро почнаа штрајковите на земјоделците против укинувањето на субвенциите, а полицијата е на готовност. Земјоделците излегоа на улиците со своите трактори, а им се придружија и камионџии. Билд пишува дека првите демонстранти веќе пристигнале во Берлин, а во неделата вечерта се упатиле кон Бранденбуршката порта.

Земјоделците ги блокираа влезовите на автопатите во Саксонија и Баварија. Слама, сено и сточна храна се пронајдени на патот А93 во близина на градот Селб во Баварија. Портпаролот на баварската полиција изјави дека не верува оти некое возило случајно го загубило тој товар.

Како што претходно објави ДВ, овој понеделник практично нема да има дел од Германија кој нормално ќе функционира. На патиштата ќе има илјадници трактори – во протестот што германските земјоделци го најавуваат како најголем во историјата.

Билд има мапа со градови и патишта чии блокади се најавуваат – списокот е долг. Властите ги повикаа граѓаните да користат железнички превоз во понеделник и да се откажат од возењето, работодавачите им порачуваат на луѓето да работат од дома каде што е можно, училиштата ќе го оправдаат отсуството на децата од наставата.

СЗ пишува дека полицијата во Бремен очекува таму да дојдат 2.000 возила.

Наставата ќе се одржува онлајн во некои баварски училишта.

Сцени со блокади се гледаат овде и таму во Германија во последните недели. Во средината на декември стотици трактори беа паркирани во центарот на Берлин.

На некои видеа може да се види како полицијата со возила се обидува да им го блокира патот на тракторите, но тие излетуваат од патот и ги заобиколуваат полициските блокади.

Многу дејствија не само што се законски неоправдани, туку понекогаш претставуваат закана за сообраќајот и јавната безбедност и ред“, велат од полицискиот синдикат. Затоа што полицијата ќе има полни раце работа.

Проблемот се субвенциите

Откако Уставниот суд и забрани на федералната влада да прави нови долгови и да внесува одредени расходи во буџетот за 2024 година, во државната каса се создаде дупка од 17 милијарди евра.

Пред само неколку дена беше постигнат компромис за новиот буџет во коалициската влада составена од три партии – Социјалдемократите (СПД), Зелените и Либералите (ФДП). Со ова се укинуваат разни субвенции што ќе доведе до значително поскапување на бензините и дизелот, струјата и парното, а се укинати и субвенциите за електричните автомобили и намалена е брзината на многу инвестиции.

А што се однесува до земјоделските производители – се избришаа субвенциите за дизел гориво и се воведе данок за сите земјоделски возила, исто како и за патничките, во зависност од моќноста на моторот и потрошувачката на гориво.

Тешките трактори и земјоделските возила трошат големи количини дизел и имаат мотори со голема моќност. Германските фармери сметаат дека нивните алатки не треба да се третираат исто како приватните автомобили.

Ова е причината зошто гневните земјоделци повикаа на блокада низ целата земја. Исплашената влада веднаш попушти, се откажа од даноците за земјоделските возила и вети дека постепено ќе ги враќа субвенциите за гориво. Но, земјоделците не биле задоволни со тоа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни