Цената на нафтата денес достигна ниво од 102 долари по барел

Цените на нафтата на меѓународните берзи денес достигнаа ниво од околу 102 долари за барел, поттикнати од растечката тензија околу Иран и сигналите на Вашингтон за продолжување на американските напади следната недела.

На лондонскиот пазар, барелот се тргуваше по цена за 1,16 долари повисока во споредба со вчерашната цена на затворање од 101,62 долари, додека на американскиот пазар цената се искачи за 1,21 долари на 96,94 долари.

Пазарното расположение оваа недела беше обележано со шпекулации околу времетраењето на американско-израелската војна против Иран. Иран ја презеде контролата врз Ормутскиот теснец како одговор на нападите, забранувајќи го транзитот на бродови поврзани со САД, Израел, европските земји и нивните сојузници.

Според податоците на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), во 2025 година низ теснецот поминувале 20 милиони барели дневно, што е околу една петтина од светската понуда. Сега, по воведувањето на блокадата, транзитот е намален на помалку од 10 проценти од претходното ниво.

Под такви услови, резервоарите за складирање во земјите од Персискиот Залив се полни, а производството е намалено за повеќе од 10 милиони барели дневно, пресмета ИЕА. Членовите на агенцијата донесоа одлука да пласираат координирано 400 милиони барели нафта од стратешките резерви, но пазарите ја протолкуваа одлуката како сигнал дека конфликтот може да трае подолго.

Во попладневните часови, цените на нафтата повторно скокнаа откако американскиот претседател најави нови напади врз Иран. „САД ќе удрат многу силно врз Иран следната недела“, рече претседателот во интервју за „Фокс њуз“, предизвикувајќи дополнителна загриженост на светските пазари.