Специјалните и противпожарните служби во Франција регистрираа црн биланс од дури 40 жртви кои се удавиле во изминатите пет дена, како директна последица на екстремниот топлотен бран што ја зафати Западна Европа. Температурите уриваат рекорди во повеќе метрополи, а над половина од територијата на Франција е ставена под највисокиот, црвен аларм.
Министерката за спорт и млади на Франција, Марина Ферари, упати итен апел до јавноста да не се користи секое водно пространство за спас од жештините.
„Пливањето во ненадгледувани области за време на топлотен бран носи огромни ризици. Премногу луѓе се обидуваат да се разладат во реките и каналите, без притоа да ги земат предвид опасностите“, изјави Ферари.
Меѓу жртвите во Франција е и 13-годишно девојче, додека млад професионален фудбалер се наоѓа во критична состојба откако во тешка состојба бил извлечен од водите на реката Рона во близина на Лион. Премиерот Себастијан Лекорну потврди дека состојбата е алармантна и дека сите надлежни служби се на терен.
Пеколот ја „запали“ Европа: Паѓаат историски рекорди
Според националната метеоролошка служба „Метео Франс“, во земјата се регистрирани најжешкиот јунски ден и најжешката ноќ откако се вршат мерењата, со рекорден минимален ноќен просек од 21,6 степени Целзиусови.
Покрај Франција, состојбата е критична во уште неколку европски држави:
- Шпанија: Температурите надминуваат 40 степени Целзиусови. Прогласен е црвен аларм во јужниот регион Андалузија, но и на северот на земјата – во Кантабрија и Баскија.
- Италија: Властите прогласија црвена тревога во дури 15 градови, меѓу кои и најголемите центри како Рим, Милано, Фиренца, Торино и Венеција.
- Германија: Неколку случаи на давење се регистрирани и во Германија, каде што метеоролозите најавуваат пик на топлотниот бран со температури до +40 степени во западните и југозападните делови од земјата.
Лекарите апелираат на максимално претпазливост, избегнување на директно сонце во најтоплиот дел од денот и освежување исклучиво на уредени плажи со спасувачки тимови.