По деновите со екстремно високи температури, северниот дел на Грција влегува во период на опасни временски услови. Грчката национална метеоролошка служба издаде црвен аларм, предупредувајќи на интензивно невреме што денеска ќе ги зафати повеќе региони, меѓу кои и Халкидики и Солун – омилени дестинации на македонските туристи.
Според најавите, најкритична ќе биде состојбата во текот на денот, кога се очекуваат обилни поројни дождови, силни грмежи, оркански налети на ветер и локална појава на град.
Надлежните служби апелираат до граѓаните и туристите да бидат крајно внимателни и редовно да ги следат официјалните предупредувања. Во случај на грмежи се препорачува веднаш да се напуштат плажите и морето, а патувањата за време на најсилните врнежи да се избегнуваат поради опасност од поплавени коловози и значително намалена видливост.
Иако невремето нема истовремено да ги зафати сите делови на Грција, властите предупредуваат дека во северните региони постои зголемен ризик од опасни временски појави. Затоа, сите кои престојуваат или патуваат кон Халкидики, Солун и околните области се повикуваат внимателно да ја следат временската прогноза и упатствата на локалните служби.:::