Свет

Црвената полумесечина наместо да им даде, им продаде шатори на жртвите од земјотресот во Турција

Црвената полумесечина наместо да им даде, им продаде шатори на жртвите од земјотресот во Турција

ТУРСКАТА опозиција и медиуми денеска остро ја критикуваа хуманитарната организација Црвена полумесечина поради продажбата, а не дистрибуцијата на шатори на настраданите од катастрофалниот земјотрес на 6 февруари, кој ја опустоши југоисточна Турција.

Според дневниот весник Џумхуриет, кој ја разоткри ваквата постапка, турската Црвена полумесечина продала 2.050 шатори на невладиното хуманитарно здружение Ахбап за 46 милиони турски лири (2,2 милиони евра).

Овие шатори беа испратени во подрачјата погодени од земјотресот, напиша невладината организација на Твитер.

Претседателот на турската Црвена полумесечина, Керем Киник, на Твитер потврди дека Кизилај Кадир, огранокот на Црвената полумесечина задолжен за производство на шатори, ја снабдувал невладината организација Ахбап со засолништа „по цена“.

„Соработката меѓу Црвената полумесечина и Ахбап е морална, разумна и етичка“, тврди Киник.

Но, неговите изјави дополнително ги налутија медиумите и социјалните мрежи.

„Најголемата турска добротворна организација, Црвената полумесечина, продаваше шатори наместо бесплатно да им ги дели на оние на кои им е потребна додека луѓето молеа за шатор три дена по земјотресот. Тоа е скандал“, рече Мурат Агирел, новинар на Џумхуриет кој ја разоткри аферата.

Турската влада беше обвинета дека не дистрибуирала доволно шатори или хуманитарна помош или не испратила доволно спасувачки тимови во деновите по земјотресот.

Во спасувањето голем дел од товарот го понесоа невладините организации, меѓу кои и Ахбап и бројни волонтери.

Црвената полумесечина тесно соработува со турските власти и добива официјални донации во бројни кампањи.

Неколку истакнати опозициски лидери побараа оставка од претседателот на Црвената полумесечина. „Срам да ви е“, напиша на Твитер Мерал Акшенер, претседател на националистичката партија Ији.

Оваа недела турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини оние кои ја критикуваа Црвената полумесечина дека се „нечесни и злобни“.

Претседателот на водечката опозициска партија, Кемал Киличдароглу, на Твитер му одговори: „Ердоган, ги навредивте жртвите од земјотресот поради Црвената полумесечина“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни