ТТК Банка издаде корпоративна обврзница вредна милион евра преку приватна понуда

ТТК Банка АД Скопје издаде долгорочни должнички хартии од вредност, односно корпоративна обврзница, во вкупен износ од 1.000.000 евра. Обврзницата е издадена по пат на приватна понуда наменета за однапред познати купувачи, како што е наведено во официјалната одлука на Собранието на акционери на банката.

Според документот, вкупно 15 инвеститори, од кои 14 физички лица и еден институционален инвеститор, учествуваа во откупот на обврзницата.

Најголем поединечен вложувач е отворениот инвестициски фонд „КБ Инвест Балансиран“, управуван од КБ Инвест АД Скопје, кој купи обврзници во вредност од 150.000 евра, што претставува 15% од вкупната емисија.

По него следуваат неколку поголеми индивидуални инвеститори. Павлинка Трповска, Драгица Јовановска и Звонимир Ристоски вложија по 100.000 евра, обезбедувајќи по 10% од емисијата секој од нив.

Интересно е што меѓу купувачите е и Томе Волкановски, кој како претседавач на Собранието на акционери ја потпиша одлуката, а воедно и лично инвестираше 40.000 евра во обврзницата на банката.

Останатите инвеститори откупија помал број на обврзници, со вложувања кои се движат од 13.000 до 70.000 евра.

Издавањето на корпоративни обврзници е вообичаен начин на кој компаниите и банките обезбедуваат дополнителен капитал за финансирање на своите активности и зајакнување на својата капитална позиција.