Туристите ги менуваат своите планови поради војната – Турција доживува масовни откажувања

Турција е една од најпопуларните туристички дестинации за одмор во светот: земјата во 2025 година угостила околу 64 милиони туристи и остварила приходи од околу 56 милијарди евра. Веќе претходната година Турција ја престигнала Италија и се искачила на четвртото место во светот, зад Франција, Шпанија и САД.

По пандемијата со корона, турските угостители вложија големи напори за удобност и безбедност на туристичките дестинации. Оваа година Турција се надеваше да ја надмине границата од 65 милиони посетители и да оствари приходи од околу 59 милијарди евра. Но, војната во Иран нанесува мрачни облаци над овие оптимистички прогнози.

Веднаш по почетокот на нападот врз Иран, масовно започнаа откажувања на ноќевања во дестинациите на истокот и југ-истокот на Турција. Вообичаено беше во втората половина на март да доаѓаат и туристи од Иран – сега им доаѓа Новруз, иранската Нова година. Особено во дестинациите блиску до Иран, тие доаѓаа малку за шопинг и за посета на роднини кои живеат во турски егзил. Но, оваа година секако дека не треба да се очекува нивниот дојдовен бран.

Откажале – сите!

Според турскиот статистички завод TÜİK, од Иран годишно доаѓале околу 3,3 милиони посетители, а таа група била на петтото место, зад Русија, Германија, Велика Британија и Бугарија.

„Од почетокот на војната во Иран практично целосно запреа патувањата од источните и југоисточните соседни земји. И во спротивен правец исто така сè е целосно запрено“, вели Онур Тунџдемир, раководител на продажба и маркетинг во Ајанис Тур.

Компанијата од 1997 година организира патувања во Иран и Ирак, особено во соседните курдски области. „Во последните недели се занимаваме само со откажувања и враќање на веќе уплатени аванси“, додава Тунџдемир.

Туризмот во тие области беше важен извор на приходи, но сега минуваат низ многу тешки времиња. Тунџдемир вели дека и локалните угостители имаа проблеми уште од протестите против режимот кон крајот на 2025 и почетокот на 2026 година. Но, по почетокот на американско-израелскиот напад врз Иран на 28 февруари, сè целосно запре. И тоа токму сега, кога се поклопуваат и рамазанскиот Бајрам и иранскиот Новруз.

Осетливи туристи

„Конфликтите како оваа ескалација на Блискиот Исток непосредно влијаат на туристичката индустрија“, резимира Германското здружение на туристички агенции (DRV). Претседателот на здружението, Албин Лојдл, објаснува за новинарите на DW: „Тоа значи и повисоки цени на керозин, подолги авионски рути поради затворен воздушен простор и можни проблеми со капацитетите, значи лесно можат да се зголемат и цените на авионските билети.“

Истовремено, туристите најчесто сакаат да патуваат во сосема друг правец, во овој случај кон запад и на пример во Шпанија. Тоа значи дека во тој правец ќе бидат потребни поголеми капацитети за воздушен превоз, а со помала понуда повторно растат цените.

Здружението на туроператори од почетокот на нападот врз Иран најпрво констатира дека се откажуваат патувањата во „опасното“ подрачје, но сè уште се размислува каде да се оди наместо тоа.

Сепак, германските туроператори можат да констатираат дека веќе е резервиран голем дел од туристичките капацитети и за ова лето, а делумно и за есента. „Многу луѓе во Германија ја договорија својата годишна пауза оваа година порано отколку било кога досега.“

Но проблемот е што најпопуларната летна дестинација за периодот од мај до октомври 2026 година беше Турција – и според приходи и според број на резервации, наведува DRV. Веднаш после неа се наоѓаа дестинации во Шпанија и Грција.

Иран далеку од турските плажи

Каан Кавалогу, претседател на Здружението на хотелиери и туристички претпријатија на Медитеранот (AKTOB), нагласува дека на популарните места како Истанбул, Бодрум и Анталија речиси нема никаква опасност за туристите и дека таму нема масовни откажувања – засега. Сепак, и во неговото здружение се забележува одредена воздржаност, особено кај резервациите од Велика Британија.

Резервациите од Русија и Германија, вели Кавалогу, остануваат стабилни на посакуваното ниво. Меѓународната консултантска куќа Oxford Economics прогнозира во новата анализа дека целото подрачје на Блискиот Исток во 2026 година би можело да има помеѓу 11 и 27 отсто помалку туристи.

Бидејќи аеродромите во земјите од Персискиот Залив се важни чворишта на светскиот воздушен сообраќај и сочинуваат 14 отсто од сите летови, тоа, според проценките, може да предизвика ланчана реакција. Сепак, аналитичарите засега воздржано даваат прогнози, бидејќи негативните последици зависат од многу фактори – од должината на војната до условите по неа.

Но претседателот на Здружението на туристички и угостителски претпријатија во Егејскиот регион (ETIK), Мехмет Ислер, останува оптимист: „Турската туристичка индустрија е многу отпорна. Преживеавме кризи како пандемијата, војната во Украина и конфликтите меѓу Ерменија и Азербејџан. Сега веќе имаме големо искуство во управување со вакви ситуации.“

Турција е „безбедна“, но не секаде

Да, туристите од Иран и арапските земји масовно ги откажуваат патувањата, но се смета дека туристичките текови од кризни региони би можеле да се пренасочат кон побезбедната медитеранска регија, што може да користи и на Турција. Затоа Ислер заклучува: „Следните четири до шест недели ќе бидат пресудни. Но, секако, краткорочните загуби не можат да се избегнат.“

Досега Иран не ја нападнал директно Турција, иако над земјата биле урнати три ирански проектили кои веројатно се оддалечиле од патеката. Во Европа наскоро почнуваат Велигденските празници и многумина се интересираат каде сè уште е безбедно да се патува. А тоа не важи за целата Турција: германското Министерство за надворешни работи на 11 март издаде построго предупредување за патувања во таа земја.

Службениот Берлин им „советува“ на своите граѓани да се воздржат од патувања во граничните области на Турција кон Иран, Ирак и Сирија – во покраините Агри, Игдир, Ван, Шанлъурфа, Мардин, Ширнак и Хаккари – ако тие патувања не се навистина неопходни.