Туристите кои ја посетуваат Барселона од април ќе плаќаат и до 12 евра по ноќевање, откако градските власти одлучија да ја зголемат туристичката такса и дополнителната градска давачка за посетителите.
Градот ја удвои туристичката такса, а зголемена е и таканаречената градска давачка на Барселона, која исто така ја плаќаат сите посетители. Гостите во хотели со пет ѕвезди ќе плаќаат најмногу – седум евра туристичка такса по лице и ноќ, наместо досегашните 3,5 евра, пренесува Capital.ba.
Со новата градска давачка од пет евра, која се зголеми од четири евра, вкупниот трошок ќе достигне 12 евра по ноќевање, според податоците објавени на веб-страницата на градскиот совет на Барселона.
Дополнителната градска давачка е иста за сите видови сместување, додека туристичката такса се разликува. Оние кои престојуваат во изнајмени апартмани или куќи за одмор ќе плаќаат 4,5 евра туристичка такса по ноќ, наместо досегашните 2,25 евра. Со градската давачка, вкупниот износ ќе биде 9,5 евра по ноќевање.
Гостите во хотели со четири ѕвезди ќе плаќаат 3,4 евра туристичка такса, наместо 1,7 евра, а со дополнителната давачка вкупниот трошок ќе изнесува 8,4 евра по лице и ноќ. Патниците на крузери ќе плаќаат вкупно меѓу шест и 11 евра, во зависност од должината на престојот.
Градскиот совет одлучи и дека дополнителната градска давачка ќе се зголемува за по едно евро годишно сè до 2029 година, кога би можела да достигне најмногу осум евра по ноќевање.
Зголемувањето на таксите е дел од настојувањата на градските власти да го намалат притисокот од масовниот туризам и домувањето да го направат подостапно за локалното население. Жителите со години предупредуваат дека преголемиот број туристи и растот на краткорочниот туристички наем значително ги зголемуваат цените на недвижностите.
Според законот, една четвртина од приходите собрани од туристичката такса ќе бидат насочени кон решавање на станбените проблеми во градот.
Барселона претходно најави и план до 2028 година да ги забрани сите форми на краткорочен туристички наем.
