Турција ги забранува социјалните мрежи за лица под 15 години

Турскиот парламент во средата навечер усвои закон со кој се забранува користење на социјални мрежи за лица помлади од 15 години, јави Анадолу.

Лицата под 15 години нема да можат да отвораат профили на социјалните мрежи, а дигиталните платформи ќе мора да воведат системи за проверка на возраста, објави турскиот информативен канал NTV.

Родителите ќе добијат алатки за контрола на времето поминато пред екрани, а во „итни случаи“ главните платформи за социјални медиуми ќе мора да реагираат во рок од еден час од ширењето штетна содржина, додава NTV.

Законот ќе стапи во сила шест месеци по неговото објавување во Службен весник, пренесува Анадолу.

Во меѓувреме, повеќе земји расправаат за воведување слични ограничувања за користење на социјалните мрежи за лица помлади од 15 години.

Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела ги повика младите на „ден без интернет“ секој месец, со цел повторно да ги откријат читањето, спортот и „виталноста на реалниот живот“, во пресрет на европски координациски состанок за можно ограничување на пристапот до социјалните мрежи за помладите од 15 години, пренесе AFP.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, заедно со лидерите на 12 земји членки на ЕУ – Германија, Австрија, Кипар, Шпанија, Грција, Ирска, Италија, Холандија, Полска, Португалија, Чешка и Словенија – минатата недела разговараа за слични ограничувања за пристапот на децата до социјалните мрежи.