Турција ќе ги собере народните правобранители на Украина и Русија и ќе разговара за создавање хуманитарен коридор – уште еден чекор за унапредување на преговорите меѓу двете завојувани земји, објави турскиот весник „Дејли Сабах“, цитиран од БТА.
„За време на трипартитниот состанок ќе се обидеме да утврдиме патоказ за правата на децата, човековите права, размената на повредени и војници“, изјави денеска главниот турски омбудсман Шереф Малкоч.
Разговорите ќе се одржат како дел од состанокот на застапниците за човекови права од земјите ширум светот.
Институцијата Омбудсман на Турција (КДК) и Европската унија од 11 до 12 јануари ќе одржат меѓународна конференција во Анкара на која ќе учествуваат повеќе од 50 омбудсмани. Темата на конференцијата ќе биде „Иднината на човековите права во 21 век“.
Рускиот омбудсман Татјана Москалкова потврди дека планира ваква средба, пренесе руската новинска агенција Интерфакс. Таа рече дека веќе имало дискусија за „грубата агенда на разговорите“, но не даде детали.
Украинската новинска агенција Укринформ го цитираше украинскиот комесар Дмитро Лубинец дека главното прашање е „враќањето на нашите херои и хероини“, сигнализирајќи за можна размена на затвореници. „Одвоено, сакаме да го покренеме прашањето за враќање на цивилните заложници кои Руската Федерација масовно ги приведува во привремено окупираните територии на Украина и дека не дозволуваат да се вратат дома“, рече Лубинец, цитиран од агенциите.