Свет

Турција воспоставува безбедносен коридор долж границата со Сирија

Турција воспоставува безбедносен коридор долж границата со Сирија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во денешниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин повика на создавање 30-километарски безбедносен коридор долж границата на Турција со Сирија, јави Асошиејтед прес, повикувајќи се на турското претседателство.

Говорејќи за курдските борци кои Анкара ги смета за терористи, Ердоган ја повтори „важноста и итноста“ од воспоставување безбедносен коридор во северна Сирија во согласност со договорот меѓу Турција и Русија од 2019 година, соопшти турското претседателство.

Ердоган изјави дека чистењето на сириската граница од терористи е приоритет за Турција.

Минатиот месец Турција започна воздушни и артилериски напади во Сирија и северен Ирак како одговор на бомбардирањето на 13 ноември во Истанбул, во кое загинаа шест лица, а десетици беа ранети. Турската влада ги обвини за нападот Работничката партија на Курдистан (ПКК) и Силите за заштита на народот на сириските Курди, за кои Турција вели дека се огранок на ПКК.

Двете групи негираат вмешаност во нападот.

ПКК 38 години води вооружена кампања против Турција која резултираше со смрт на десетици илјади луѓе. Работничката партија на Курдистан е наведена како терористичка организација на Турција, САД и ЕУ. Меѓутоа, Силите за народна одбрана не се означени како терористичка група од Вашингтон или Брисел и се на чело на борбата против групата Исламска држава во Сирија предводена од САД.

Ердоган се заканува со копнена офанзива во северна Сирија. САД и Русија, кои имаат воени пунктови во областа, се противат на планираната турска операција.

Според договорот потпишан со Турција во 2019 година во Сочи, Русија вети дека ќе создаде тампон-зона меѓу турската граница и Силите за заштита на народот што ќе бидат контролирани од сириската армија и руската воена полиција. Договорот не беше целосно спроведен, иако руските и сириските владини сили се присутни во пограничниот регион, како и некои американски војници, наведува АП.

Според информациите на турските медиуми, новата операција ќе и овозможи на Анкара да контролира 600 километри од границата со Сирија и да ги минимизира терористичките закани кои доаѓаат од соседната територија.

Како дел од своите операции во северна Сирија од 2015 година, Турција создаде безбедносна зона меѓу градовите Азаз и Џараблус северно од Алепо, го окупираше Африн и ја презеде контролата врз граничните области источно од реката Еуфрат, потсетува агенцијата ТАСС.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни