Во вторникот Турција изврши воздушни напади во северна Сирија во близина на границата, при што загинаа најмалку 11 лица, меѓу кои и сириски владини војници.
Нападот се случи западно од северниот град Кобане и доаѓа во време на тензии во северна Сирија меѓу курдските борци поддржани од САД и опозициските милиции поддржани од Турција.
Сириските државни медиуми цитираа неименуван воен претставник дека во турските воздушни напади загинале тројца војници, а шест се ранети. Официјалниот претставник рече дека сириските војници возвратиле со напад на позициите на турската армија и опозициските борци поддржани од Турција.
Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Британија, која го следи конфликтот во земјата, соопшти дека во турскиот воздушен напад загинале 11 лица, додавајќи дека не е јасно дали сите се сириски војници. Според информациите, повредени се осум лица.
Новинската агенција Хавар њуз за полуавтономните курдски региони во Сирија, соопшти дека се убиени 16 сириски војници, а друга курдска новинска агенција, Норт прес агенција, соопшти дека се убиени 22 војници.
Разликите во бројките на жртвите веднаш по нападите не се невообичаени во Сирија.
Турското Министерство за одбрана во вторникот соопшти дека 13 осомничени курдски борци биле убиени откако турската артилерија одговорила на смртоносниот напад на турската гранична станица во близина на градот Биреџик во пограничната провинција Шанлиурфа. Министерството соопшти дека операциите во регионот продолжуваат.
Гувернерот на покраината, Салих Ајхан, изјави за турската државна новинска агенција Анадолу дека еден војник е убиен, а четворица други се ранети во нападот на граничниот пункт Чичекалан рано во вторникот.
Турција започна три големи прекугранични операции во Сирија од 2016 година и веќе контролира одредена територија на северот на земјата.