Во текот на денешниот ден се очекува втора средба на Координативното собраниско тело за помирување, на која најверојатно ќе присиствува и премиерот Зоран Заев.
Веќе се формирани три работни тела кои меѓудругото имаат задача да го подготват нацрт предлог законот за амнестија на учесниците во настаните од 27 април минатата година.
Според нашите информации, подготовката на овој документ е пред самиот крај, односно во моментов правниот тим работи на усогласување на неговата содржина, пред да бидат изршени пошироки консултации со стручната јавност.
Во првиот член од овој предлог закон, заради општа прифатеност, ќе стои дека се работи за предлог закон кој ќе ги опфати учесниците во настаните на 27 април 2017 година. Ако се толкува само овој член, се заклучува дека амнестија ќе има за сите учесници, без исклучок. Сепак, во вториот член во документот кој е во завршна фаза, според нашите информации ќе стои дека членот 1 нема да важи за лицата кои имале командна одговорност, за оние кои ја злоупотребиле службената положба, но и за оние за кои постојат цврсти докази дека свесно и со намера нападнале пратеници со цел нанесување физички повреди, и намера да одземат човечки живот. Воедно, во друг член од предлог законот ќе им се овозможи на сите оние кои ќе бидат опфатени со амнестијата, да се откажат од оваа можност и доколку сметаат дека се невини, тоа да го докажат пред судовите во Република Македониаја.
Пред само неколку дена предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ кој предвидуваше целосна амнестија за сите учесници во настаните од 27 април не помина во Собранието