Балкан

Уапсен шефот на белградската полиција и поранешниот советник на Вучиќ!

Уапсен шефот на белградската полиција и поранешниот советник на Вучиќ!

Началникот на полицијата во Белград и поранешен советник на српскиот претседател Александар Вучиќ, Веселин Милиќ, е уапсен денес, беше објавено во Белград, во продолжение на истрагата и расветлувањето на околностите за исчезнувањето на Александар Нешовиќ на 12 мај, кого медиумите го поврзуваат со еден од криминалните кланови на Белград.

По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград (ВЈТ), Милиќ е уапсен од страна на припадници на Управата за криминалистичка полиција, Службата за сузбивање на криминалот и Службата за борба против организираниот криминал на Министерството за внатрешни работи на Србија, соопшти обвинителството.

Нему му е одреден притвор во полиција до 48 часа поради сомнение дека не го пријавил кривичното дело и сторителот, а се товари и за помагање на сторителот по извршувањето на кривичното дело, и ќе биде изведен на сослушување пред јавниот обвинител.

Убиство во кафуле во Сењак

Пред апсењето, Веселин Милиќ веќе бил испрашуван во ВЈТ како дел од истрагата за исчезнувањето на Александар Нешовиќ Баја, кој исчезна на 12 мај во кафуле во луксузното белградско предградие Сењак.

Некои медиуми попладнево објавија, повикувајќи се на полициски извори, дека телото на Александар Нешовиќ е пронајдено покрај автопатот кај Шимановци.

Според неофицијални информации, тој бил застрелан во кафуле од Саша Вуковиќ Бошке, додека Нешовиќ седел во друштво на Милиќ.

Според информациите од порталот „Данас“, Милиќ наводно го поканил Вуковиќ во кафулето за да го смири со Нешовиќ, бидејќи претходно имале конфликт.

Меѓу нив во кафулето избувнала расправија, по што Вуковиќ извадил пиштол и го застрелал Нешовиќ со неколку истрели.

Тело запалено покрај автопатот

После тоа, двајца од тројцата полицајци од обезбедувањето на Веселин Милиќ, заедно со Вуковиќ, го извадиле телото од ресторанот и го запалиле покрај автопатот кај Шимановци, додека Милиќ и друг полицаец останале во ресторанот за да отстранат траги и видео снимки од камерите за надзор.

Во врска со истрагата за сите околности на убиството, уапсени се вкупно осум лица, вклучувајќи тројца полицајци.

Белградската полициска управа е најголема во рамките на српското МУП, а позицијата началник на таа управа го прави една од ретките најмоќни личности на врвот на министерството.

Кариерата на Милиќ

Апсењето на Милиќ стана вест на денот и предизвика бројни шпекулации и потсетувања за неговата досегашна кариера, вклучувајќи го и фактот дека тој бил началник на белградската полиција од 2013 до 2018 година, кога бил назначен за советник на српскиот претседател Александар Вучиќ за борба против корупцијата и криминалот, а во тоа време бил и помошник-директор на полицијата.

Кон крајот на 2020 година, тој повторно беше назначен за началник на белградската полиција, со одлука на тогашниот министер за внатрешни работи Александар Вулин.

Опозицијата бара оставки

Опозицијата денес побара оставки и разрешувања од министерот за внатрешни работи и вицепремиер Ивица Дачиќ и директорот на српската полиција Драган Васиљевиќ, инсистирајќи дека „аферата Милиќ“ „бара институционална и политичка одговорност“.

Опозицијата ја гледа улогата на Милиќ како „директно учество во загрозувањето на безбедноста на српските граѓани, на кои оние кои мора да им гарантираат заштита ги преминале сите граници“, со оценки дека ова „претставува пораз на целиот државен и безбедносен систем и целосно бришење на границите меѓу државните структури и криминалните и мафијашките групи“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни