Убиен млад фудбалер во Истанбул – позната пејачка приведена!

Млад турски фудбалер и член на нисколигашот Карс 36 Спор, Кубилај Кундакчи (21), е убиен во вооружен напад во Истанбул, а во случајот наводно е вмешана и популарната пејачка Алејна Калајџиоглу, која е приведена. Страшното злосторство ја потресе турската јавност, а истрагата е во тек.

Според првичните информации, до крвавиот инцидент дошло во ноќта меѓу 19 и 20 март на улицата „Сидик“ во Истанбул, каде што бил договорен состанок меѓу две спротивставени страни. Расправијата брзо ескалирала, а напаѓачите, како што се сомнева, пристигнале со две возила и отвориле оган. Едно од возилата наводно имало и ротациско светло. Кундакчи бил тешко ранет во пукањето и итно пренесен во болница, но лекарите не успеале да му го спасат животот.

Дошол да смири, па бил убиен

Како што наведуваат медиумите, младиот фудбалер на состанокот дошол како посредник во конфликтот. Станува збор, наводно, за љубовен спор меѓу музичари. Раперот Канабеј се обидувал да се смири со својата поранешна девојка, пејачката Алејна Калајџиоглу, која на Инстаграм има околу еден милион следбеници, а Кундакчи требало да помогне во помирувањето.

Состанокот, сепак, се претворил во крвопролевање. Било пукано кон возилото во кое се наоѓал и раперот, а фудбалерот смртно настрадал. Според неофицијални информации, постои сомнеж дека зад нападот стои новото момче на пејачката. Калајџиоглу е приведена и се наоѓа на полициско испрашување.

Таткото на жртвата: Мојот син немаше врска со конфликтот

Таткото на убиениот младиќ тврди дека неговиот син не бил вмешан во конфликтот. „Мојот син имаше само 21 година и играше за Карс 36 Спор. Дојде на одмор, а пријателите го повикаа да посредува. Му рекле дека Алејна ќе го послуша. Отиде со друштвото во музичко студио, чекаа во автомобил кога пристигнаа две возила.

Едното сигурно имаше ротација. По расправијата почна пукање и мојот син беше погоден. Слушнавме дека напаѓачот побегнал во странство по морски пат. Ги молам надлежните да ги пронајдат виновниците“, изјавил тој. Полицијата спроведува обемна истрага и трага по напаѓачите. Безбедносните камери го забележале движењето на возилата што учествувале во нападот, а снимките се користат во истрагата.

Клубот завиен во црно

Од фудбалскиот клуб Карс 36 Спор се огласија со соопштение. „Голема трагедија го зави нашиот клуб во црно. Нашиот фудбалер Кубилај Каан Кундакчи го загуби животот во вооружен напад во Истанбул. Неговата смрт е огромна загуба за неговото семејство и спортската заедница. Изразуваме најдлабоко сочувство“, се наведува во соопштението на клубот.