Температурите во Македонија денеска се движат од 10 до 19 степени, покажуваат најновите мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Најтопло претпладнево е во Кавадарци, каде во 11 часот се измерени 19 степени, додека најниски температури се регистрирани на Попова Шапка и во Радовиш, со по 10 степени.
Во Скопје, според мерењата на УХМР, температурата во 11 часот изнесувала 16 степени.
Временските услови во наредните денови ќе бидат променливи поради влијанието на влажна и нестабилна воздушна маса. Утре, особено во попладневните часови и во текот на ноќта, се очекуваат локални врнежи од дожд, кои на одделни места ќе бидат поројни и проследени со грмежи.
Во некои котлини ќе има услови за појава на утринска магла, предупредуваат метеоролозите.
Повремен локален дожд се очекува и во петок во утринските часови, додека во текот на денот ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Во сабота времето ќе биде стабилно, но од недела се очекува промена на временските услови. Ќе преовладува променливо облачно и посвежо време, со повремени локални врнежи од дожд и во текот на наредните денови.