Свет

Украина ја обвини Русија за нелегално посвојување на украински деца

Украина ја обвини Русија за нелегално посвојување на украински деца

Украина ја обвини Москва дека организира масовно нелегално посвојување на украински деца кои од окупираните територии биле префрлени во Русија, објави Франс прес.

„Русија продолжува да киднапира деца од украинска територија и да организира нивно незаконско посвојување од руски државјани“, се вели во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи, пренесува БТА.

„Повеќе од илјада деца од Мариупол (пристанишен град во југоисточна Украина под контрола на руската армија) биле незаконски предадени на странци од Тјумен, Иркутск и Кемерово во рускиот Алтај крај“, лоциран во Сибир, соопшти Министерството, цитирајќи објави информација до властите во Краснодар, град кој се наоѓа во југозападна Русија, недалеку од Украина.

Повеќе од триста украински деца се чуваат во специјални центри во Краснодарската област, соопшти и украинското МНР. Оттаму наведуваат дека овие постапки на Русија претставуваат сериозно кршење на Женевската конвенција за заштита на цивилни лица во време на војна, како и на Конвенцијата на ОН за правата на детето.

„Сите украински деца кои нелегално биле префрлени на руска територија мора да бидат вратени на нивните родители или законски старатели“, се додава во соопштението.

Откако започна руската инвазија на Украина во февруари, Киев ја обвини Москва дека ги принудува Украинците од окупираните територии, главно деца, да одат во Русија наместо во други украински региони, политика што украинските власти ја споредуваат со депортации.

Многу семејства од Мариупол изјавија за АФП дека биле принудени да одат во Русија против нивната волја за да избегаат од борбите.

Пристанишниот град Мариупол, кој е стратешки за Азовското Море и пред војната имаше 500.000 жители, беше нападнат од руските сили во првите часови од офанзивата. По неколкунеделна опсада и бомбардирање од Русија, што резултираше со смрт на најмалку 20.000 луѓе меѓу населението, според Киев, градот паднал под контрола на руската армија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни