Украина размислува да го даде англискиот статус за деловен јазик, изјави премиерот Денис Шмигал

Украинската влада работи на нацрт-закон со кој англискиот ќе добие статус на јазик за деловни комуникации, изјави премиерот Денис Шмигал, цитиран од Ројтерс.

Тој тврдеше дека „англискиот јазик сега се користи во деловните комуникации низ цивилизираниот свет“. „Значи, давањето таков статус во Украина ќе придонесе за развој на бизнисот, ќе привлече инвестиции и ќе ја забрза европската интеграција на (земјата)“, напиша синоќа Шмигал на Телеграм, без да навлегува во детали.

Се вчитува...

Украинскиот е единствениот официјален јазик во поранешната советска република. Околу половина од населението на земјата зборува главно или само украински, а 30 отсто од нејзиното население прво зборува руски, според студијата од 2019 година на Меѓународниот институт за социологија во Киев.

Бројот на Украинци кои зборуваат англиски е зголемен во последните години, но сепак е помал отколку во другите источноевропски земји. Според студијата на шведската компанија EF Education First минатата година, Украина е на 30-то место од 35 земји, зад Полска и Белорусија.

Рускиот јазик е широко користен во деловните комуникации и медиумите во Украина. И сè уште е широко распространет во многу градови, вклучувајќи го и главниот град Киев, иако неговата употреба е сè поограничена, според Ројтерс.

Според законот, бизнисите и државните институции мора да го користат само украинскиот јазик.