Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска предупреди за можни руски напади за време на претстојните празници, јави ДПА.
„Како што се приближуваат празниците, руските терористи може повторно да нападнат. Тие ги презираат христијанските вредности и вредности воопшто“, рече тој во своето традиционално видео обраќање.
Украинскиот претседател ги повика граѓаните да останат исклучително внимателни во наредните денови. „Затоа, внимавајте на воздушните предупредувања, помагајте си едни на други и грижете се еден за друг“, додаде тој.
Во своето обраќање Зеленски испрати неочекувано предупредување до Русија. „Граѓаните на Русија мора јасно да разберат дека теророт никогаш не останува без одговор“, нагласи тој.
Украинската воена команда во последните денови постојано предупредуваше за можни ракетни напади врз инфраструктурата и енергетските резерви на земјата. Денеска оттаму беше објавено дека руската поморска единица, во која има и воен брод со крстаречки ракети, се движи во Црното Море.
Украина со недели е предмет на тековен налет на руски крстосувачки ракети, гранати и беспилотни летала камикази. И покрај контрамерките на украинската противвоздушна одбрана, нападите предизвикаа сериозни оштетувања на електричната мрежа и доведоа до прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода низ целата земја со цел да се изврши притисок врз населението, јави ДПА.
Украинското разузнавање се сомнева дека Русија преместува засилување на своите војници на истокот и југот на земјата. „Непријателот го зголеми движењето на војници, опрема и муниција со железница во областите на воените дејствија“, соопшти денеска Генералштабот во Киев.
Оттаму изјавија дека доаѓање на засилувања се забележува и во јужниот дел на земјата, но во регионот Керсон нивното распоредување е со цел зајакнување на одбранбените линии.
Во моментов главните битки во Украина се водат во областите околу источниот град Бахмут, како и кај Авдеевка, Купјанск и Лиманск во регионот на Донбас.