Повеќе од половина од децата до шестгодишна возраст во Македонија не посетуваат градинка, предупредија од УНИЦЕФ, повикувајќи на поширок пристап до квалитетно и инклузивно предучилишно образование.
Пораката беше упатена на одбележувањето на Светскиот ден на детето, кое УНИЦЕФ и Македонската берза го означија со симболично звонење на берзанското ѕвонче.
Од УНИЦЕФ нагласија дека со намалувањето на наталитетот, развојот на потенцијалот на секое дете станува сè поважен, а вложувањата во децата мора да се преточат во конкретни можности за растење, учење и напредување.
„Одлуките што ги носиме денес го обликуваат светот на децата што ќе го наследат утре. Децата можеби не седат во салите за состаноци кога се носат деловни и инвестициски одлуки, но она што се случува таму им го обликува животот“, беше порачано на настанот.
Притоа беше посочено дека деловните одлуки влијаат врз работните места на родителите, производите и услугите што ги користат децата, како и врз условите во заедниците во кои растат.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски изјави дека подобрувањето на достапноста и квалитетот на предучилишното згрижување и воспитување е меѓу најважните приоритети на Министерството.
„Првите години од животот се темелот врз кој се гради личноста, способностите, самодовербата и иднината на секое дете. Инвестицијата во раното детство не е само инвестиција во поединецот, туку и во развојот и просперитетот на целото наше општество“, рече Велковски.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска нагласи дека секое дете треба да има можност да го развие својот потенцијал и да учи во средина што го охрабрува да истражува и да верува во сопствените способности.
„Континуирано ги зголемуваме вложувањата во основното образование, не само во подобрување на инфраструктурата, туку и во создавање поквалитетно и побогато училишно искуство за секое едно дете“, изјави Јаневска.
Светскиот ден на детето се одбележува на 20 ноември, датум поврзан со усвојувањето на Декларацијата и Конвенцијата за правата на детето.