Европскиот парламент денеска соопшти дека покренал итна постапка, на барање на белгиските правосудни органи, за укинување на имунитетот на двајца европски пратеници во рамките на истрагата за корупција во која е вмешан Катар, пренесе агенцијата Франс прес.
Двајцата пратеници се Италијанецот Андреа Коцолино и Белгиецот Марк Тарабела, велат извори запознаени со ова прашање. И двајцата се дел од пратеничката група „Социјалисти и демократи“. Пратениците се предмет на истрага, која ги принуди белгиските правосудни органи да ја уапсат на 9 декември потпретседателката на ЕП, грчката социјалистичка европратеничка Ева Каили.
Приведен е и партнерот на Кајли, Италијанецот Франческо Џорџи, кој е и пратенички асистент на Козолино. Приведени се и поранешниот европратеник, италијанскиот социјалист Пјер Антонио Панцери, како и Николо Фига-Таламанка, кој е шеф на невладина организација. Сите тие беа уапсени поради припадност во криминална организација, перење пари, корупција, а скандалот во кој беа вмешани ја потресе ЕУ и предизвика тензии меѓу ЕУ и Катар.
Кајли при апсењето не можела да го искористи пратеничкиот имунитет бидејќи била фатена на местото на злосторството – во нејзиниот стан биле пронајдени вреќи со пари. На 13 декември таа беше сменета од функцијата заменик претседател на ЕП со речиси едногласно гласање на европратениците.
Во Белгија, истрагата доведе до 20 претреси помеѓу 9 и 12 декември, вклучително и во зградата на ЕП. Станот на Тарабела бил претресен на 10 декември. Белгиските инспектори пронајдоа и запленија вкупно 1,5 милиони евра во готовина во резиденциите на Панцери и Кајли, како и куфер што го транспортираше таткото на Кајли.
„Како одговор на барањето на белгиските правосудни органи, активирав итна постапка за укинување на имунитетот на двајца членови на ЕП. Нема да има неказнивост, апсолутно нема“, рече претседателката на ЕП Роберта Мецола. Таа нагласи дека ЕП е на страната на законот и дека ќе направи се за борба против корупцијата.
Мецола официјално ќе ги информира европратениците за барањето за укинување на имунитетот на нивните двајца колеги за време на следната пленарна седница на 16 јануари во Стразбур. Собраниската комисија за судски прашања мора да го разгледа барањето зад затворени врати и да ја соопшти одлуката. Конечно ќе се гласа во пленарната сала. Целта е постапката да заврши на 13 февруари.
Веќе на 13 декември, белгиската социјалистичка партија го суспендираше членството на Тарабела. На 16 декември Италијанската Демократска партија го суспендираше членството на Коцолино како мерка на претпазливост во очекување на завршувањето на истрагата за скандалот Катаргејт.