Нова експлозија се случи во вторник наутро во воена база на полуостровот Крим, анектирана од Русија, јави руската новинска агенција Интерфакс, повикувајќи се на Министерството за одбрана во Москва.
Инцидентот се случил во 6:15 часот по локално време на територијата на воена база во регионот Јанкој.
„На 16 август околу 06:15 часот во атарот на селото Мајское (округ Џанкој) избувнал пожар на територијата на оградено привремено складиште за муниција на една од воените единици. Како резултат на пожарот, детонирана е складирана муниција“, се вели во соопштението на воениот оддел.
Според соопштението, на местото на несреќата нема потешки повредени. Напорите за гаснење на пожарот се во тек.
Верзијата за детонација на муниција е официјална за Москва и за експлозиите на воениот аеродром Саки на Крим. На 9 август, како резултат на експлозии, најмалку 8 борбени авиони беа изгубени, едно лице загина, а 14 беа повредени. Извор од Министерството за одбрана посочи дека главната верзија на инцидентот е прекршување на правилата за заштита од пожари, но разузнавачките податоци укажуваат дека можеби станува збор за напад од украинска страна. Киев официјално не ги коментираше причините.