УСЈЕ не е причина за состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје, велат од фабриката

Цементарница УСЈЕ во целост ги исполнува законските услови во работењето, а емисиите од производството на цемент се во просек далеку пониски од максимално дозволените гранични вредности определени со законските прописи во областа, велат од фабриката.

Дополнително, по повеќегодишното следење, споредбата на податоците од индикативните мерења во кругот на фабриката и оние надвор од неа, докажува дека работењето на Цементарница УСЈЕ нема корелација со измерените вредности на ПМ10 честичките во амбиенталниот воздух во непосредното соседство и во град Скопје. Исто така, целокупното производство автоматски сопира, доколку поради каква било причина не функционираат инсталираните филтри.

Овие факти јасно укажуваат дека Цементарница УСЈЕ не е причинител на зголеменото ниво на загадување на амбиенталниот воздух, кое во определени периоди се појавува во Скопје.

Начинот на кој работи компанијата и контролите кои се вршат денеска беа детално презентирани на Отворениот ден во УСЈЕ на кој беа поканети граѓаните, невладините организации и медиумите. На настанот присуствуваа и Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули и претставници на Државниот инспекторат за животна средина.

За да овозможи дополнителен увид во своето работење, иако нема законска обврска за тоа, во зимскиот период УСЈЕ редовно неделно ќе ги објавува податоците од мерењето на емисиите, кои ќе бидат јавно достапни за сите заинтересирани страни.

„Ние ги разбираме реакциите на граѓаните и, како сограѓани, но и како докажан одговорен член на заедницата, сме дополнително мотивирани прецизно да се посочуваат реалните извори на загадување во нашиот град, зашто само така може да се спроведуваат ефективни решенија. Со објавувањето на податоците секоја недела ќе дадеме можност за уште поголем увид. Веќе неколку години нашите капии се отворени за секој што сака и лично да се увери во аргументите – за нашите соседи, граѓаните на Скопје, за невладиниот и граѓанскиот сектор. И во овој наврат, го покануваме да нѐ посети секој што сака да добие каква било информација“, изјави главниот извршен директор, Борис Хрисафов.

Извор: ТВ21