Успешно заврши едукацијата на 160-те членови на избирачките одбори во Центар Жупа

Во општина Центар Жупа успешно се реализираат сите активности за нормално одвивање на изборите за градоначалник, вклучително тука и едукацијата на членовите на избрачките одбори, изјави за МИА Неџип Илјаз, претседател на општинската изборна комисија. 

-Успешно заврши едукацијата со 160-те членови на избирачките одбори, за 16-те гласачки места на кои ќе се гласа во сабота, на 20 август. На овие избори правото на глас треба да го остварат 7.154 лица, што споредено со повторените избори што се одржаа на 15 април во списокот се 77  гласачи повеќе,  додека пак споредено со редовните локални избори на 17 октомври минатата година има 163 гласачи помалку, рече Илјаз. 

Тој додава дека веќе се разгледани и одобрени барањата доставени до комисијата од болни и немоќни лица, кои правото на глас го остваруваат во петок, на 19 август. 

Според него, до предвидениот рок до комисијата биле доставени 32 барање, но по разгледувањето три од нив не биле прифатени бидејќи лицата не биле  во единствениот избирачки список. 

За претстојните вторпат повторени избори да бидат успешни на гласање треба да излезат 2.385 лица или 33,33 отсто од вкупно запишаните во единствениот избирачки список.  

Излезноста на изборите во октомври беше 25,77 додека во април 29,97 отсто. Се очекува на овие избори да биде повисока, поради масовното присуство на иселениците кои летниот одмор го минуваат во родниот крај.