Уставниот суд донесе одлука со која од 1 октомври ќе се зголемат платите на претседателот и уставните судии, откако мнозинството судии изгласаа укинување на делови од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица.
Со одлуката се укинати делови од член 14 и член 15 од Законот, кои се однесуваат на коефициентите за пресметка на платите на претседателот и членовите на Уставниот суд. Според Судот, прашањето за платите на уставните судии не може да биде регулирано на ист начин како кај останатите функционери, поради нивната посебна уставна улога и потребата од независност.
Уставниот суд наведува дека материјалниот статус на судиите е дел од гаранциите за нивната самостојност и дека начинот на утврдување на платите треба да ја земе предвид спецификата на институцијата.
Од Судот информираат дека постапката била поведена по сопствена иницијатива, а Владата и Собранието биле повикани да се произнесат по наводите, но не доставиле одговор во предвидениот рок.
Со примената на старите коефициенти, од 1 октомври платата на претседателот на Уставниот суд повторно ќе се пресметува со коефициент 3,08, додека за уставните судии ќе се применува коефициент 2,85.
Претходните измени на Законот предвидуваа намалување на овие коефициенти на 2,81 за претседателот и 2,60 за судиите. Според проценките, новата одлука ќе значи зголемување на примањата за најмалку 200 евра.