Уставниот суд започнува значајна реформа во насока на унапредување на транспарентноста и институционалната отвореност, со воведување на пренос во живо од своите седници.
Од 4 март, за првпат во историјата на институцијата, јавноста ќе може директно да ги следи седниците преку официјалната веб-страница, како и преку дигиталните канали на Судот на YouTube и Facebook. Седницата ќе биде достапна преку објавениот линк: https://www.youtube.com/watch?v=vOjp-gcskNA.
Со овој модел на работа се отвора ново поглавје во односот меѓу Судот и граѓаните. Секој заинтересиран ќе може во реално време да ги следи расправите, аргументите што се изнесуваат, процесот на одлучување, како и начинот на кој се гради правното мислење.
Одлуката претставува резултат на повеќегодишен процес на спроведување на Програмата за управување со комуникациите, која опфаќа повеќе развојни фази, меѓу кои активна транспарентност и редовно информирање за сите предмети, присуство на социјалните мрежи со можност за интеракција со граѓаните, навремено реагирање на информации од јавен интерес, техничка модернизација и дигитално опремување, можност за електронско обраќање до претседателот на Судот, како и редовни месечни средби со граѓани.
Воведувањето на преносот во живо е донесено со мнозинство гласови од актуелниот состав на Судот, со цел да се зајакне транспарентното, отчетно и отворено институционално работење.
Крајната цел на реформата е унапредување на довербата во правната држава и приближување на граѓаните до надлежностите и работата на највисоката уставно-судска институција. Со оваа новина, Уставниот суд се позиционира како една од најотворените институции во државата, со намера да поттикне и други органи на власта кон поголема јавност и отчетност.
