Уставниот суд ја прифати иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на одлуката на Советот на Општина Тетово од 2007 година, со која беа променети имињата на неколку булевари, улици и градскиот плоштад. Веста ја соопшти Даријан Сотировски, кој заедно со Сојузот на борците од НОБ Тетово, ја поднесе иницијативата во февруари минатата година.
Со оваа одлука на судот се отвора пат за поништување на преименувањата со кои беа заменети имињата на македонските херои и личности од светската антифашистичка коалиција, вклучително и името на градскиот плоштад „Маршал Тито“.
„Очекувам во скоро време судот да донесе конечна одлука со која ќе ја поништи незаконската одлука донесена во 2007 година. Тогаш, со кршење на законот, беа заменети имињата на македонските јунаци. Неправото беше премолчувано од сите скоро две децении, но со право ќе се бориме за правда докрај“, истакна Сотировски.
Тој потенцираше дека општината и градот не се сопственост на моменталните политички раководства, туку на граѓаните и историското наследство. Се очекува конечната одлука на Уставниот суд да стави крај на долгогодишниот спор околу топонимите во Тетово.
