Уставниот суд отвори постапка за оценување на законска одредба за детски права

Уставниот суд денеска поведе постапка за оценување на уставноста на дел од член 37 став 1 од Законот за заштита на децата, кој се однесува на формулацијата „родено на територијата на Република Северна Македонија“.

Судот во оваа фаза од постапката го анализира прашањето низ призмата на уставното начело на еднаквост, гарантирано со член 9 од Уставот. Според образложението, дете чии родители се државјани на државата стекнува државјанство по потекло и треба да ги ужива истите права, без разлика на местото на раѓање.

Се вчитува...

Во своето образложение, Судот наведува дека се поставува прашањето дали со оспорената одредба се прави нееднаква разлика меѓу деца родени во државата и оние родени во странство, иако во двата случаи станува збор за деца на македонски државјани.

Според Судот, местото на раѓање само по себе не може да претставува основ за ограничување на права кои произлегуваат од државјанство по потекло. Во таа насока, се изразува сомнеж дека законското решение без разумно и легитимно оправдување ги става децата родени надвор од државата во понеповолна положба, што може да го наруши уставниот принцип на еднаквост, како и индиректно да влијае на слободата на движење на граѓаните.

Судот укажува и на хипотетички ситуации, нагласувајќи дека раѓањето во странство може да биде резултат на здравствени, непланирани или предвремени околности, без намера за трајно иселување, поради што критериумот „место на раѓање“ не смее да биде основ за нееднаков третман.

Во рамки на истата седница, Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на одредби од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (предмет У.бр. 93/2025), повикувајќи се на претходно донесена одлука и исполнетост на условите за отфрлање согласно Актот на Судот.