Петок 13-ти – ден кој за многумина е симбол на несреќа, мистерија и лоша среќа. Иако за некои е само уште еден ден во календарот, за други е причина за вознемиреност, одлагање на планови и избегнување на важни одлуки. Психологијата дури има и посебен термин за овој страв – параскаведекатријафобија.
Ова суеверие има длабоки историски корени, а потеклото му се поврзува со библиски и средновековни настани. Некои веруваат дека токму на петок, 13-ти, Ева го натерала Адам да го касне јаболкото, започнала големата поплава или бил срушен Вавилон. Во Новиот завет, пак, Исусовата последна вечера вклучувала 13 луѓе, пред неговото распнување во петок.
Историчарите често ја истакнуваат и мрачната епизода од 1307 година, кога францускиот крал Филип IV наредил масовно апсење на витезите Темплари – токму на петок, 13 октомври. Оваа сцена подоцна доби популарност преку романот „Кодот на Да Винчи“, во кој темпларот Жак де Моле ги проколнал папата и кралот.
Митовите се засилија и со романот „Петок 13-ти“ од 1907 година, каде брокер ја користи лошата репутација на денот за да предизвика финансиска паника. Малку подоцна, „Црниот петок“ од 1927 година – вториот најголем финансиски крах во историјата – уште повеќе го зацврсти овој датум како симбол на лоша среќа.
Дури и бројот 13 сам по себе е обвиткан со негативни конотации. Во нордиската митологија, токму 13-тиот гостин – богот Локи – донел смрт и темнина. Историски гледано, бројот 12 се сметал за совршенство: 12 месеци, 12 часови, 12 апостоли, 12 богови… и токму 13 ја нарушува таа рамнотежа.
Во денешно време, многу хотели немаат соба со број 13, високите згради го прескокнуваат тој кат, а некои авиокомпании дури и избегнуваат ред 13. Американскиот претседател Теодор Рузвелт одбивал да патува или да вечера со 13 луѓе во петок, 13-ти.
Суеверијата се различни од регион до регион: во Велика Британија се верува дека преместување кревет во петок носи несреќа, бебињата родени тој ден се ставаат на Библија, а во некои области дури и посетата на лекар може да се смета за „предвесник на смртта“.
Сепак, не сè е мрачно околу овој ден. Во 1930 година, токму на петок, 13-ти, е основана првата нудистичка колонија во Велика Британија. Во 1923 година, на ист датум, на ридовите над Лос Анџелес се појавил славниот натпис „Холивуд“ – симбол на соништата и успехот.
Дали петок 13-ти навистина носи несреќа, или е само уште едно суеверие длабоко вкоренето во културната историја? Одговорот е индивидуален – за некого ден како и секој друг, за друг – причина повеќе да внимава на секој чекор.
