Обожавателите и почитувачите на музиката на Владо Јаневски утре ќе се соберат за последен пат да му оддадат почит на еден од најзначајните македонски музички автори и изведувачи.
Собирот во чест на Јаневски ќе се одржи во 20 часот на платото пред арената „Борис Трајковски“, каде граѓаните ќе имаат можност заеднички да го одбележат неговото дело и да се простат од него.
Организаторите ги повикаа сите оние кои го сакале, почитувале и растеле со неговите песни да присуствуваат на настанот.
„Нека неговите песни одекнат уште еднаш, нека светлината од свеќите биде нашето ‘благодарам’, а нашето присуство доказ дека големите уметници никогаш не се забораваат“, стои во поканата.
Владо Јаневски остави длабока трага во македонската музика со бројни хитови кои со години се дел од животите на генерации слушатели.
„Да го испратиме достоинствено. Со песна. Со тишина. Со љубов. Затоа што легендите никогаш не умираат – тие засекогаш остануваат во срцата на својот народ“, порачаа организаторите.