ЈСП денеска протестираше пред Владата. Претпријатието бара исплата на долговите, за да може да подели плата. Во градскиот совет, вонредна седница. Советниците се расправаа и обвинуваа кој е виновен. Синдикалците незадоволни ја напуштија салата и порачаа – утре во Скопје ќе нема јавен превоз.
„Се договоривме пред новинарите, утре на утро во 4 и 30 часот јавен превоз ќе нема. Возачите се главни“, изјави претседателот на синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски.
„Сакам да им порачам на градоначалничката и на советниците. Можете да си правите политика до утре сабајле. Утре јавен градски превоз нема да има. Ама вас не ви е гајле, вие не се возите со јавен превоз“, изјави претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
„Тепајте се, што сакате правете. Пари бараме. Денес, утре. Пари бараме, немам што да носам дома“- додадоа од Синдикатот.
Советниците во Град Скопје на вонредна седница денеска меѓусебно се обвинуваа кој е крив за состојбата во ЈСП. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија градоначалничката Данела Арсовска и побараа нејзина одговорност. И советниците од СДСМ обвинија дека за првпат скопјани ќе останат без градски превоз и дека за тоа е виновна локалната власт.