Увозот на струја расте – за шест месеци Македонија потроши речиси 200 милиони евра

Македонија продолжува со висок увоз на електрична енергија – за само шест месеци годинава се потрошени над 194 милиони евра за купување струја од странство. Овој износ речиси се израмнува со вкупната сума потрошена за цела 2023 година, кога увозот достигна 260 милиони евра.

Споредено со 2022 година, кога цените беа повисоки поради глобалната енергетска криза, тогашниот увоз бил значително понизок – само 2,75 отсто од вкупната потрошена енергија била од странство, а државата издвојувала 216 милиони евра.

Иако енергетскиот биланс за 2025 година предвидува зголемување на домашното производство на електрична енергија за 15 отсто и намалување на увозната зависност, податоците за првото полугодие ја отсликуваат спротивната слика. Планот предвидува вкупната потреба од електрична енергија да порасне за 6 отсто во однос на минатата година, но досегашната реализација покажува дека домашното производство сè уште не може да одговори на побарувачката.

Останува да се види дали во втората половина од годината ќе се засилат капацитетите за домашно производство и дали ќе се намали увозот што значително го оптоварува трговскиот биланс на државата.