На социјалните мрежи вирално се споделува потресно сведоштво, во кое се обвинува Психијатриска установа дека дете со аутизам го малтретирале и врзувале.
– После месец дена, мојот син денес го зедовме од психијатриска болница, така ни кажаа викендов. Јас не можам да верувам каде живееме, зарем нашето дете е ѕвер? Да, агресивен стана овие две години и затоа побаравме здравствена помош, но во 21 век да го врзувате … ? Дали така се заколнавте кога полагавте дека ќе бидете хумани? Ова дете е 17 годишно … Душата ме боли, се прашувам дали ние како родители погрешивме што побаравме помош?! Зошто нема соодветна институција за нашите деца? Вака не се смирува дете, ова е насилство! Барам одговорност за овие рани од што бил врзуван!, пишува шокираната мајка.
Сепак, според министерот за здравство Фатмир Меџити, ова дете било лекувано според сите протоколи.
„Детето со аутизам било лекувано според сите протоколи што ги даваат експертите по психијатрија“, порача тој.
Се огласија и од Психијатриската болница Демир Хисар, од каде велат дека лекувањето е согласно протоколите.
„Пациентот е лекуван во нашата установа во текот на изминатиот месец. Станува збор за лице со нарушување од аутистичен спектар во изразито влошена состојба. Претходно бил одбиен за третман од повеќе установи. Актуелниот прием е реализиран на упорно инсистирање на родителите иако притоа беа запознаени со условите во установата и дека не станува збор за соодветна институција за негов третман. Лекувањето е согласно медицина базирана на докази и во текот на третманот се бележеа одредени ситуации за кои е неопходно физичко ограничување. Истите се изведуваа согласно протоколите. Тоа се ситуации кои се поврзани со ризично однесување во смисла на автодеструктивност или агресивност кон другите. Родителите во текот на целиот третман беа навремено и редовно известувани за неговата состојба“, вели директорката на психијатриската болница Демир Хисар, Ивана Кочовска.