Партиски делегации предводени од лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Движењето ЗНАМ, Христијан Мицкоски и Максим Димитриевски, в сабота ќе одржат средба на која главна тема ќе биде најавената реконструкција на Владата.
Министерот за јавна администрација и кадар на ЗНАМ, Горан Минчев, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, истакна дека на средбата ќе побараат детали за точниот опфат на најавените измени.
Реконструкцијата го опфаќа и вториот и третиот ешалон
Според Минчев, кога во јавноста се говори за реконструкција, најчесто се мисли само на првиот ешалон, односно на министрите, но процесот е многу поширок. Тој појасни дека тука влегуваат и голем број избрани и именувани функционери од вториот и третиот ешалон кои, исто така, се поставени на позициите со цел да испорачаат резултати.
Министерот информираше дека ЗНАМ веќе направил внатрешна евалуација на двегодишното работење на сите свои кадри – од министри и заменици, до државни секретари и директори. Ставот на партијата во овој момент е дека нивните функционери ревносно и одлично си ја вршат работата.
„За ова прашање нема дали сакаш некого или не, туку дали испорачува резултати или не. Но, сепак, господинот Мицкоски е премиер и ние би сакале на таа средба в сабота да ги чуеме неговите аргументи“, изјави Минчев.
Пофалби од Брисел за ресорите на ЗНАМ
Како потврда за успешната работа, Минчев ги посочи и изјавите на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за време на неговата неодамнешна посета на Скопје. Кошта тогаш нотираше видлив напредок токму во ресорите со кои раководи ЗНАМ – правда и јавна администрација, особено во однос на Патоказот за владеење на правото и реформите во јавната администрација.
Коалицијата останува стабилна, но ЗНАМ на следните избори ќе оди самостојно
Минчев потсети дека пред две години ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ потпишаа четиригодишен коалициски договор и нагласи дека двете партии имаат идентични ставови за клучни прашања, вклучувајќи го и ригидниот став против промена на Уставот.
Сепак, во однос на идните политички чекори, партискиот став на ЗНАМ е дециден дека на следните парламентарни избори – без разлика дали ќе бидат редовни или предвремени – тие ќе настапат самостојно.
Минчев порача дека партијата е целосно подготвена веднаш да излезе на избори со самостоен настап, но потенцираше дека како сериозен коалициски партнер секогаш се отворени да ги сослушаат аргументите и опциите на нивните соработници.