Вархеји: Меѓувладина до крајот на годинава – Еврокомесарот забележува напредок во реформите на земјава

Стабилен напредок во делот на реформите, посебно владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал, ова е главната оценка на еврокомесарот Оливер Вархеји при претставувањето на Извештајот за реформите на земјава пред европатениците. На прес конференцијата доцна попладнево рече дека дискусиите се во тек во Советот за предлог преговарачката рамка и дека очекува набрзо одржување на Меѓувладината конференција. За проблемот со Бугарија и колку тоа ќе претставува пречка за почетокот на преговорите, Вархеји рече дека очекува да се најде заеднички договор.

Се вчитува...

„Работиме заедно со бугарските власти и со властите од Северна Македонија, министерот за надворешни работи и заменик премиерот беа со мене минатата недела и ги охрабрив директно да се ангажираат и да работат со своите соседи бидејќи тоа е заеднички интерес да се најде решение кое е прифатливо за обете страни“, посочи Оливер Вархеји.

Говорејќи за економскиот инвестициски пакет Вархеји истакна дека се планира економско закрепнување од вкупно 29 милијарди евра за Западен Балкан.

„Ова е план тежок 9 милијарди евра со 10 главни иницијативи плус други области за економско инвестирање. Основаме нов гарантен инструмент со кој што ќе се зголеми капацитетот на регионот и ќе се ангажираат 20 милијарди евра во јавни и приватни инвестиции“, вели Оливер Вархеји.

Претходно и министерот за надворешни работи Бујар Османи истакна дека на високо ниво ќе останат исполнување на приоритетите за членство во ЕУ.

„Владеењето на правото ќе биде една од првите поглавја во тој акционен план кој што треба да го донесе Владата но и сите наши други обврски во смисла на зајакнување на капацитетот на демократските институции и на нормалното функционирање на општеството“, посочи Бујар Османи.

Утре, ден по објавувањето на Извештајот за напредокот на земјите еврокомесарот Оливер Вархеји ќе ја посети Македонија а ќе ги посети и другите земји од регионот.

.

Извор: ТВ21