Вавилонците знаеле за „Питагорината теорема“ дури 1.000 години пред Питагора?

Една стара вавилонска прочка која најверојатно била употребувана за геодезија и мапирање, ја користела „Питагорината теорема“ најмалку 1.000 години пред воопшто Питагора да ја открие.

Имено, оваа древна плочка ги натера научниците да ја преиспираат староста на знаењето околу математиката и применетата геометрија во античкиот свет.

Истражувачи од Австралија велат дека нивното откритие докажува дека „старото вавилонско општество достигнало одредено ниво на математичка софистицираност“ уште во второто илјадалетие п.н.е.

Артефактот познат како „Си.427“ претставува геометриски план со границите на тамошните земјишта, а истиот датира од времето меѓу 1900 и 1600 п.н.е.

Плочката е откриена кон крајот на 19 век за време на ископувања во Месопотамија, денешен Ирак, а потоа е изложена во Истанбулскиот археолошки музеј во Турција.

Д-р Даниел Менсфилд од Универзитетот во Нов Јужен Велс, и Норман Вилдбергер, вонреден професор на престижниот австралиски универзитет, претходно идентификуваа уште една вавилонска табла што ја содржи најстарата (и точна) тригонометриска табела во светот. Во тоа време, тие посочуваа дека имала практична корист – веројатно при мапирање или изградба.