Македонските граѓани кои претстојниот викенд планираат да патуваат кон Грција треба да очекуваат сериозни измени во сообраќајот. Поради градежни работи на проектот за новиот надвозник, дел од обиколницата околу Солун ќе биде целосно затворен во двата правци, објави платформата „Грчка инфо“.
Сообраќајната блокада ќе трае од петок (26 јуни) од 23:00 часот, сè до недела (28 јуни) до 23:00 часот.
Детален распоред на затворањето:
- Западен правец (кон центарот на Солун): Целосно затворен од петок (23:00 ч.) до недела (23:00 ч.).
- Источен правец (кон аеродромот и Халкидики): Целосно затворен од петок (23:00 ч.) до недела (23:00 ч.).
- Надвозник Пилеа – Панорама: Ќе биде затворен нешто подоцна — од сабота (27 јуни) од 05:00 часот наутро, до недела (23:00 ч.).
Алтернативни рути: За време на целиот викенд, сообраќајот ќе се пренасочува по алтернативни патишта кои минуваат низ самиот град Солун. Поради ова, се очекуваат големи метежи, па на возачите им се советува трпение и навремено планирање на патувањето.